Започнаа истражувања со методот на камера-замки на Осоговските Планини! PDF Печати Е-пошта
Вторник, 30 Април 2013 14:14

Годинава, активностите во рамките на проектот „Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас“, се насочени главно кон аплицирањето за номинација на Осогово како Биосферен Резерват. Покрај овие, во април започнаа активности за мониторингот на целни видови (крупни цицачи) со методот на поставување фото-замки. Во периодот 19-20 април, беше одржана работилница во Крива Паланка, водена од експерт за мониторинг на крупни цицачи (Програма за закрепнување на балканскиот рис), на која претставници од ловните друштва и шумските стопанства од регионот беа запознаени со начинот на следење на крупни цицачи со поставување на фото-замки, како и редовна контрола на истите. Во текот на овие два дена, тимот од МЕД, заедно со присутните на работилницата, постави 8 фото-замки во пограничниот дел на Македонија и Бугарија и во регионот на Кратово.


Во моментов се одвива поставувањето на уште 5 камери на различни локации на планината Осогово.

Планираное е оваа мониторинг сесија да трае до крајот на мај и ќе биде повторена во есенскиот период.

 

 
МЕД го одбележа Денот на биодиверзитетот - 22 мај PDF Печати Е-пошта
Четврток, 23 Мај 2013 15:55

Македонското еколошко друштво со изложба на детски цртежи, прикажување на документарни филмови за биодиверзитетот во Македонија како и саем на локални производи и храна го одбележа Светскиот ден за заштита на биолошката разновидност, во Отешево на Преспанското Езеро. Повеќе од 190 учесници, претставници на локалното население, деца, професори од шесте училишта во регионот, претставници на владниот и невладин сектор, членови на МЕД и љубители на природата, заеднички го одбележаа овој настан.

Настанот го отвори заменик министерот за животна средина г-дин Стево Темелковски, а следуваше и обраќање на г-дин Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Општина Ресен. Посебно обраќање имаше и координаторот на ГИЗ проектот Заштита и одржливо користење на биодиверзитетот на Охридското, Преспанското и Скадарското Езеро“, госпоѓата Богатиновска. За значењето на биолошкото разнообразие, особено за богатиот Преспански регион говореше претседателот на МЕД, проф. Меловски кој посебно ја истакна новоформираната мрежа Преспа Нет која во иднина ќе делува во заштитата на регионот. Следеше и презентација на г-ѓа Брајаноска за веќезапочнатиот проект „Поддршка на Република Македонија за ревизија на Националната стратегија за биoлошка разновидност со акционен план и изработка на петтиот национален извештај кон Конвенцијата за биолошка разновидност“. По овој официјален дел, следеше изложба каде децата од регионот ги преставија своите размислувања и визии во однос на заштитата на биолошката разновидност. Повеќе од 150 различни творби, цртежи, постери, творби изработени од различен рециклиран материјал, макети беа претставени на изложбата. Најдобри во тоа беа:

Христијан Трајчевски, ОУ Славејко Арсов, Љубојно, со ликовна творба

Христијан Тодоровски, ОУ Браќа Миладиновци, Подмочани, со ликовна творба

Марија Котевска, ОУ Мите Богоевски, Ресен, со ликовна творба

Ана Секуловска, ОУ Димитар Влахов, Царев Двор со расказ на тема Биодиверзитет.

Основното училиште Гоце Делчев и СОУ Цар Самоиол од Ресен, беа истакнати и наградени за тимска табота и одлично претставување на работата на сите деца заедно со своите професори.

Настанот беше збогатен и со претсавување на традиционалните обичаи, храна и ракотворби кои како дел од спорведениот саем беа исторвемено претставени пред присутните гости и учесници. Освен децата и локалното население, на настанот учествуваа и претставници на регионалните владини и невладини институции кои преставија дел од спроведените активности и реализирани проекти за заштита на Преспанското Езеро.

На крајот, следеше прошетка крај брегот на Преспанското Езеро и проекција на документарните филмови Во срцето на Балканот- Барајќи го рисот“ и „Во срцето на Балканот- Пеликаните од Преспа Парк“


 
Запознавање на децата од градинката „Мајски цвет“ со дивите животни од нашата природа PDF Печати Е-пошта
Недела, 28 Април 2013 14:01

Со реализацијата на завршната приредба и обележувањето на 22 април, Денот на Планетата Земја, МЕД заврши со активностите за едукација на децата од предучилишна возраст од 3-6 години во градинката „Мајски цвет“. Со оваа активност поттикната од наставничката Фросина Ангелова од истоимената градинката но и по желба на децата, МЕД ја продолжи веќе започнатата соработка од 2009 година. Така, согласно зацртаните активности, во периодот октомври 2012 – април 2013 година, беа спроведени низа едукативни предавања, во текот на кои, на интересен и забавен начин беа претставени различни диви животни кои живеат во нашата држава (и пошироко). Беа претставени мечката, рисот, лисицата и волкот, различни претставници влекачи, водоземци, птици, риби и инсекти, нивните основни карактеристики, место и начин на живеење.

Имајќи го предвид вниманието кое МЕД го доби во текот на овие предавања и пројавениот интерес пред сè од децата, но и од наставничкиот кадар, МЕД ќе настојува и во иднина да продолжи со вакви едукативни активности, не само за овие животни туку и за други видови животни и растенија. Подигнувањето на јавната свест за заштита на животната средина и природата е од огромно значење и треба да се гради уште од најмала возраст.


Промовирањето на екологијата како наука и заштитата на животната средина и природата, претставуваат дел од главните цели на МЕД, кои во последните години, преку низа различни активности континуирано се спроведуваат во сите нивоа на образованието почнуваќи од децата од предучилишна возраст, учениците во основните и средните училишта, па вклучително и студентите на факултетите.

 

 
Работилница: „Состојба на птиците во Македонија“ PDF Печати Е-пошта
Четврток, 11 Април 2013 11:06

 

 

Во рамките на подготвувањето на студијата и изданието „Состојбата на птиците во Македонија“, финансирано од страна на BirdLife International како дел од програмта „Состојба со птиците во Светот“, на 12:04.2013 ќе се одржи работилница на која засегнатите страни, донесувачи на одлуки и научници ќе придонесат со нивни информации и предлози кон подобрување на изданието.

Извештајот има за цел да ја илустрира состојбата со фауната на птиците во Македонија. Соодветно на тоа, извештајот ќе содржи голем број расположливи информации за нивната бројност, распространување, и закани на птиците во Македонија, напорите за мониторинг и заштита на нивните популации. Се надеваме дека овој извештај ќе го олесни процесот на донесување одлуки поврзани со заштитата на птиците, и затоа учеството на засегнатите страни е од особено значење во неговото подготвување Исто така, се надеваме дека извештајот и соодветната публикација ќе придонесат кон популаризацијата на орнитологијата во Македонија.

Pictures/Birds/Ptica.jpg

 

 

 
Потпишан е Договор за соработка за Преспа нет - мрежа од невладини организации за Преспа PDF Печати Е-пошта
Среда, 03 Април 2013 12:48

Се трудиме да ги унапредиме природните вредности на преспанскиот регион, неговите биодиверзитет и население, преку заеднички меѓугранични активности!

На 29 март 2013 година беше потпишан Договор за меѓугранична соработка помеѓу три невладини организации од трите соседни земји што го делат Преспанско Езеро. Нагласувајќи дека соработката на граѓанското општество е основна за интегрираното менаџирање на басенот на преспанските езера, претставниците на невладините организации за заштита на животната средина, Македонското еколошко друштво (МЕД), Асоцијацијата за заштита и зачувување на природната животна средина во Албанија (ППНЕА), и Здружението за заштита на Преспа (СПП) се сретнаа во грчкото село Лемос и ги поставија основите за идната мрежа за заштита на животната средина во регионот наречена Преспа нет.

Потврдувајќи ја долготрајната заедничка прекугранична соработка во Преспа, беше потпишан Договорот, по дефинирањето на целите, насоките и главниот фокус на мрежата и евентуалните заеднички активности што ќе бидат преземени во иднина.

Имајќи ги предвид минатите активности и проекти спроведени во регионот, очигледно е научена лекцијата дека делумниот и изолиран приод, наместо длабинскиот и прекуграничен приод е помалку ефективен и на периоди дури и неплоден. За оваа цел, Преспа нет активно ќе работи на пополнување на недостатоците преку здружени активности, засилена соработка преку различните заинтересирани страни вклучени во менаџирањето на басенот на преспанските езера, подобриот протек на информации и одржливиот развој. Сите овие прашања влијаат врз регионот потенцирајќи ја потребата за соодветни акции неопходни за регионот.

Во рамките на новоформираната мрежа, овие три организации го направија следниот чекор и се посветија на зачувувањето на уникатното природно и културно наследство на преспанскиот регион, истовремено промовирајќи го неговиот социјално-економски развој. Во следниот период, Преспа нет ќе ги започне заедничките активности што ќе ги урнат границите и ќе го почитуваат единството на природата.

За повеќе информации:

Светлана Пејовиќ, Лице за контакт од МЕД

(e-mail: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите , +389-2242773, www.mes.org.mk)

Marianna Vlassi, SPP Communications Officer

(e-mail: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите , +30-210-3314893, www.spp.gr)

Silva Huda, PPNEA Communications Officer

(e-mail: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите , +355-2256257, www.ppnea.org)

 
Сесија на фото – замки, Маврово 2013 година PDF Печати Е-пошта
Вторник, 12 Март 2013 14:06

Тимот за заштита на балканскиот рис од МЕД во соработка со вработените од ЈУ НП Маврово, ја започна третата систематска сесија на фото замки во Националниот парк „Маврово“. Сесијата започна на 9 март и ќе трае точно 60 дена. Добиените резултати ќе овозможат да се одреди големината на популацијата на рисови во засега единственото подрачје во Македонија каде е потврдена репродукција на рисот и кое за жал претставува засега единствен познат извор на популацијата. Овие резултати понатаму ќе овозможат да се дознае и целокупниот број на популацијата на рисот во погодните живеалишта на југозападен Балкан.

Освен тоа, споредбата на резултатите од оваа сесија со оние од 2008 и 2010 година ќе го потврдат трендот на популацијата во паркот. Овој особено значаен еколошки параметар ќе придонесе да се дознае нешто повеќе за критичниот статус на ова животно.

За крај, потврдата за присуството на главниот плен на рисот (срната и дивата коза) и нивното изобилие е од особено значење за понатамошен опстанок на рисот не само во заштитените подрачја, туку и пошироко во регионот.

МЕД изразува особена благодарност на ловочуварската служба на паркот која несебично го дели своето знаење за присуството на рисот во паркот и одбирање погодни места за поставување на фото-замките. Во реализација на овогодинешната сесија, огромна е помошта која ја пружаат и волонтерите на МЕД, Дејан Ѓорѓиевски и Марија Василевиќ.


 
Шанса за живот за златниот орел од Мариово PDF Печати Е-пошта
Среда, 06 Февруари 2013 11:11

 

Светскиот ден на водните живеалишта, 2ри февруари, би можел да се покаже особено среќен за една млада женка на златен орел. Г-дин Самоил Илиоски од Мариово ја нашол оваа птица во многу лоша состојба, како едвај се движи по земја, со згрчени нозе, и не може да лета. Истата ја предал на екипата на граничната полиција во с. Витолиште (ПС на ГН „Старавина“). Информацијата за пронајдената голема грабливка скоро истовремено стигна до Здружението „Јарак“ (здружение за заштита и одгледување птици грабливки), Друштвото за заштита на бувовите во Република Македонија-МОТ, и до МЕД. Поради висок ризик по животот на птицата, членови и соработници на МЕД на ден 03.02.2013 година ја пренесоа во Скопје и ја подложија на итен ветеринарен третман во ветеринарната амбуланта „Ветеринарен центар“. Орелот е згрижен од страна на МОТ, каде му се пружаа соодветна нега. По извршениот ветеринарен преглед, констатирано е дека птицата (првогодишна женка) нема надворешни повреди и е во добра физичка кондиција, односно дека не е застрелана или болна. Симптомите укажуваа на труење со пестициди или со олово. За настанот е веднаш известена Управата за животна средина, како и Државниот инспекторат за животна средина и природа.

poisoned Golden Eagle

Повеќе...
 
Преспа Парк 2000-2013: време за нови иницијативи PDF Печати Е-пошта
Петок, 01 Февруари 2013 15:55

 

Преспа Парк 2000-2013: време за нови иницијативи

Ако птиците и рибите преминуваат граници, тогаш зошто одлуките за прекуграничниот парк Преспа сеуште се донесуваат одделно од трите држави?

Меѓународниот договор за Паркот Преспа беше потпишан на 2 февруари 2010 година од страна на трите земји кои го делат Преспанското Езеро и Европската комисија. Поминати се три години а Договорот сè уште не е ратификуван од страна на грчката влада, затоа прекуграничните институции од Договорот сè уште не функционираат. Преспа ја мачат повеќе проблеми, не само нецелосниот Договор. МЕД, PPNEA и SPP – еколошки невладини организации во трите земји кои го делат Преспанското Езеро – формираа прекугранична мрежа на невладини организации, со цел да се обезбеди поголема активност на граѓанските здруженија во прекуграничната соработка преку која ќе се пополнат пропустите во заштитата на животната средина оставени од неактивноста на трите држави.


Втори февруари е важен ден за Преспа. Не само што на тој ден се одбележува Светскиот ден на водни станишта, односно е посебен ден за Рамсарските „водни живеалишта од меѓународно значење“ како што е Преспа, туку на 2 февруари 2000 година, Премиерите на трите држави го создадоа Паркот Преспа – првиот прекуграничен парк на Балканот. На истиот ден во 2010 година, беше потпишан Меѓународен Договор од страна на Министрите за животна средина и Комесарот за животна средина на ЕУ, со што трите држави и ЕУ ги договорија начините на заштита и управување на паркот, како и воспоставување на одржлив развој. Одлуките на договорот за постојани механизми за прекугранична соработка, беа меѓународно поздравени и на трите држави им беше честитано за одбирањето на современи методи за управување. Овие механизми се амбициозни кога зборуваме за регионот, но договорот е особено инвентивен ако се земе предвид динамиката на Балканот.

По долга и бирократска процедура во последниве три години, Договорот беше ратификуван од сите потписници освен од грчката влада. Грција е последната држава која треба да го заврши процесот и да ја исполни својата обврска од 2010 година, со која ќе се револуционизира начинот на заштита на Преспа. Без целосна ратификација на Договорот, прекуграничните институции кои ќе ги надгледуваат и координираат мерките за заштита во Паркот, не можат да почнат со работа. Истовремено, јавни и приватни засегнати страни во трите држави одделно, продолжуваат да спроведуваат заштита, мониторинг и управување со значајните  прекугранични живеалишта, истовремено соработувааат со нивите соседи, но без поширок план кој го покрива целиот воден басен. Водата, шумите и животите ги надминуваат границите, но Преспа останува во парадоксална ситуација во која напорите за сеопфатно управување страдаат заради фрустрациите предизвикани токму од границите.

Затоа, еколошките невладини организации кои се активни во овој регион, решија повторно да ја превземаат иницијативата. МЕД, PPNEA и SPP ги здружија силите во постојана Мрежа на еколошки невладини организации за Паркот Преспа, за да работат во духот на Меѓународниот договор: олеснувајќи ја размената на информации помеѓу земјите; лобирајќи за подобро управување со животната средина; обезбедувајќи техничка помош на државите, како и заедничко делување на терен во однос на мониторинг и истражување богатството видови и живеалишта во Паркот Преспа. Работејќи заедно со повеќе национални паркови и општини од регионот, тие ќе се стремат да придонесат кон зачувувањето на животната средина во Преспа преку запознавање на луѓето со примерот на природата кој треба да се следи кога се донесуваат одлуки кои ги надминуваат линиите повлечени на карта.

За повеќе информации:

Светлана Пејовиќ, Лице за контакт од МЕД

(e: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите , +389-2242773)

Marianna Vlassi, SPP Communications Officer

(e: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите , +30-210-3314893)

Silva Huda, PPNEA Communications Officer

(e: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите , +355-2256257)

Забелешка од уредникот

1. Преспанскиот басен се наоѓа на југот на Балканот и го делат три држави. Составен е од две езера, Големо и Мало Преспанско Езеро, кои се наоѓаат на надморска височина од околу 853 м, иако многу од околните планински врвови се повисоки од 2000 м.

2. Паркот Преспа е формиран во 2000 година, со заедничка Декларација на Премиерите на трите држави. Паркот има цел да ги заштити еколошките вредности на областа преку соработка помеѓу трите држави и да промовира економски просперитет за локалното население од трите држави. Прекуграничниот Парк Преспа е првото прекуграничо заштитено подрачје на Балканот. „Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа“ беше потпишан од страна на трите држави и Комесарот за животна средина на ЕУ. Тој обезбедува прекугранични институции кои ќе управуваат и ќе го регулираат паркот, клучни органи ќе бидат Комитетот за управување со Парк Преспа (кој ќе надгледува и координира активности кои ќе се имплементираат според Договорот); Секретаријатот (техничко и административно тело); и Работна група за управување со водите (составена од компетентни тела од трите држави кои ќе даваат препораки за интегрирано управување со речниот слив според Рамковната директива за води на ЕУ).

3. Мрежата на еколошки невладини организации се состои од: МЕД (Македонско еколошко друштво) со седиште во Скопје; SPP (Здружение за заштита на Преспа) со седиште во Агиос Германос, Преспа и PPNEA (Заштита и зачувување на природната средина на Албанија) со седиште во Тирана.

 

 
Одржана работилница за улогата на фармерите и шумарите во заштитата на балканскиот рис во идните заштитени подрачја! PDF Печати Е-пошта
Вторник, 27 Ноември 2012 12:25

Оваа работилница претставува една од последните активности што МЕД ги реализира во рамките на втората фаза од проектот „Програма за закрепнување на балканскиот рис, кој има за цел заштита и зачувување на автохтоната популација на балканскиот рис во Република Македонија.

Работилницата беше организирана во Демир Хисар на 20ти ноември 2012 година каде најважни слушатели беа претставниците од шумарскиот сектор и индивидуалните сточари и одгледувачи на овци и добиток од регионот на Илинска – Плакенска Планина, како и од Јабланица и Шар Планина. Сточарите и шумарите претставуваат целни групи кои активно, но индиректно се вклучени во заштитата со дивечот во Република Македонија. Од особено значење беше и присуството на претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ, како и на градоначелниците на општините Демир Хисар и Вевчани.

Во текот на работилницата, освен што беа претставени резулататите од досегашните истражувања и идните насоки на МЕД во рамките на проектот, беа презентирани и позитивните страни во примената на традиционалните практики на одгледување на стока, како можно делување во рамките на идните заштитени подрачја кои МЕД ги предлага, како и предлози за одржливо управување и искористување на шумскиот потенцијал во овие подрачја.

На задоволство на тимот на МЕД кој повеќе години работи на проблематиката поврзана со заштитата на рисот, во текот на работилницата беа презентирани многу интересни предлози и идеи за зедничко делување на овие простори.

 

 
Завршна работилница на партнерите од проектот „Поврзување на луѓето и природата-вмрежување на значајните растителни подрачја (IPAnet)“ PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 19 Ноември 2012 08:25

 

Претставници од сите пет земји кои беа вклучени во IPAnet проектот се состанаа во Бугарија во периодот од 29.10 до 02.11. 2012 година. Средбата беше организирана со цел презентирање на резултатите од реализираните активности во изминатите осум месеци. Проектот беше оценет како успешно спроведен што беше причина за изработка на нацрт план за негово потенцијално продолжување.

Македонското еколошко друштво во склоп на овој проект реализираше вкупно 9 настани за промовирање на три значајни растителни подрачја во Македонија. Со овие настани беа опфатени околу 200 луѓе кои имаа можност да слушнат повеќе информации во врска со растителниот диверзитет на Македонија.

Моментално во тек се и завршните активности околу печатењето на промотивните материјали. Овој проект официјално завршува на 15ти декември, 2012 година.

Pictures/IPA/zavrsna rabotilnica 1.jpPictures/IPA/zavrsna rabotilnica 2.jpg

 

 
Уште 10 нови платфoрми за царските орли од Овче Поле! PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 29 Октомври 2012 09:03

По втор пат годинава, МЕД во соработка со МЕПСО поставија 10 платформи за гнездење за царските орли (Aquila heliaca) во Овче Поле. Овој пат платформите беа поставени по високонапонските далеководи од 400 kV, на линијата Штип – Пробиштип, поконкретно на потегот Чардаклија – Стрмош, кои се наменети да послужат како замена за природните гнезда кои орлите ги градат на високонапонските далеководи.

На вториот ден од поставувањето на платформите за гнездење присуствуваа многу локални и национални медиуми, со што активноста доби национална покриеност од најзначајните национални печатени и електронски медиуми.

 

 
IV Конгрес на еколозите на Македонија PDF Печати Е-пошта
Четврток, 25 Октомври 2012 14:20

 

IV Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество и одбележување на 40 години од формирањето и активната работа на Македонското еколошко друштво, се одржа во периодот од 12-15 октомври, Охрид.

На Конгресот присуствуваа повеќе од 300 научни работници и гости од државата и од странство (Турција, Норвешка, Швајцарија, Германија, Грција, Албанија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Црна Гора, Косово) со свои научни трудови од областа на екологијата и заштитата на животната средина. Вкупно беа презентирани 183 апстракти, од кои 82 усни презентаци и 73 постери.

Се одржаа три пленарни предавања и тоа:

  1. Пошумувањето во услови на глобални климaтски промени, проблеми, истражувања и мерки за адаптација, Проф. д-р Иван Раев, Бугарија
  2. Разновидноста на брдските пасишта на варовничка подлога во централните и јужните делови на Балканскиот Полуостров, Академик Владо Матевски, Македонија, и
  3. Еден век од диатомејски истражувања на Охридското и Преспанското Езеро, проф. д-р Златко Лефков, ПМФ – Скопје, Македонија

Во рамките на Конгресот се одржа и Симпозиум на студентите по биологија во организација на Истражувачкото друштво на студенти биолози од Скопје, како и Изложба и натпревар на детски цртежи, фотографии, колекциски материјали, промотивни материјали на тема: Шумите – чувари на природата, од ученици од основните училишта во Македонија. Свое претставување имаше и еколошката секција „Универзум“ од СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица, под менторство на професорот по биологија Страшо Даов.

Беа прикажани двата документарни филма: „Во срцето на Балканот - барајќи го рисот“ и „Во срцето на Балканот - пеликаните од Преспа Парк“.

Важен дел од Конгресот беше и одржувањето на Работилницата за Јадрански прелетни коридори поддржана од германската организација ЕуроНатур, на која учествуваа орнитолози од Македонија, Германија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна, Словенија и Косово.

Pictures/IV%20Kongres/Otvoranje.JPG Pictures/IV%20Kongres/Family foto.JPG

 

 
Успешно враќање на Златниот орел во природа PDF Печати Е-пошта
Петок, 19 Април 2013 10:59

 

На 17 април, младата женка од видот златен орел (Aquila chrysaetos), по 75 денови неуморна грижа и лекување, успешно беше ослободена и вратена во мариовската дивина.

Иако првичните прогнози не беа позитивни, упорноста на членовите на МОТ (Macedonian Owl Trust), МЕД, д-р Димче Велковски како и на останатите ентузијасти, конечно вроди со резултати.

Птицата закрепна и почна самостојно да лови откако помина три недели во карантин во Скопската зоолошка градина, каде имаше можност да се адаптира и подготви за враќање во природата.

Pictures/Birds/pred osloboduvanje.JPG Pictures/Birds/osloboduvanje.jpg

 

 
Годишно собрание на МЕД PDF Печати Е-пошта
Среда, 03 Април 2013 14:49

На 12 март 2013 година, во просториите на салата за состаноци на хотел Порта во Скопје, се оддржа Годишното собрание на Македонското еколошко друштво. На Собранието беше презентирана работата на Друштвото за 2012 година со посебен осврт на IV Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество и одбележувањето на 40 години од постоењето на Друштвото. Исто така беше претставен и усвоен финансискиот извештај за минатата 2011 година, а беше презентирана и програмата за работа на Друштвото за 2013 година.

Pictures/Other/godisno sobranie.JPG

 
Катерина Бачева - најдобар млад научник за 2012 година PDF Печати Е-пошта
Петок, 22 Март 2013 14:17

 

Наградата за најдобар млад научник за 2012 година ја доби нашата членка Катерина Бачева. Наградата ја додели Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, на 8 март 2013 година, во претседателската вила. Катерина Бачева работи како демонстратор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, за изведување на вежби за студентите на додипломски и последипломски студии по предметите: Аналитичка хемија I и II, Инструментални аналитички методи, Токсиколошка хемија. Прифатена и е изработката на докторската дисертација. Досега има објавено: две монографии, 1 дел во научна монографија, 20 објавени трудови (од кои 11 во списанија со фактор на влијание), 28 презентации на научни собири (од кои 13 на меѓународни научни собири).

Повеќе информации во врска со наградата може да се најдат на следниве веб страни:

http://www.president.gov.mk/mk/2011-06-17-10-03-42.html,

http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=3F66E6863917C24B82D8E3C171AAF5D7,

http://www.sitel.com.mk/katerina-bacheva-e-najdobriot-mlad-nauchnik-za-minatata-godina

Pictures/Other/3.jpg Pictures/Other/IMG_5919.JPG

 

 
14-та средба на ЦИЦ Координативниот форум за Централна и Источна Европа PDF Печати Е-пошта
Петок, 08 Март 2013 12:49

Работилница - Заштита на балканскиот рис и одржливо ловство со ловен туризам!

МЕД и Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“, заедно со Меѓународниот совет за заштита и конзервација на природата (The International Council for Game and Wildlife Conservation CIC) во периодот 28 февруари – 2 март 2013 година, во Скопје ја реализираа 14-тата средба на ЦИЦ Координативниот форум за Централна и Источна Европа (CIC Coordination Forum for Central Eastern Europe).

На работилницата присуствуваа национални делегации од 17 држави од Централна и Источна Европа, експерти од Норвешка, Швајцарија, Финска, како и претставници од FACE, UNDP, European Commission, Directorate - General for the Environment, Directorate B - Nature, Biodiversity and Land Use, Канцеларијата на Европската Унија во Скопје и претставници од амбасади во Република Македонија.

Главни теми за дискусија беа заштитата на балканскиот рис и одржливото ловство со ловен туризам, односно целта на средбата беше членовите на Меѓународниот совет и Wildlife Conservation (CIC) да се запознаат со:

  • критичната состојба на балканскиот рис и потребите за негова заштита, како и
  • придобивките од одржливиот ловен туризам и негова имплементација во земјите од Југоисточна Европа.

Работилницата се спроведе во две сесии преку презентирање резултати од соодветни спроведени истражувања и состојби во земјите на Балканот и пошироко во Европа, дискусии за состојбата на популациите на рисот, како и за значењето и важноста на одржливиот ловен туризам во истите подрачја.

Краен производ од дводневната работа беше изработената декларација во која се поставени главните пораки и насоки за зачувување на постојната популација на балканскиот рис и имплементацијата на одржливиот ловен туризам, кој ќе води кон заштитата на рисот. За исполнување на поставените цели е формирана Зелена алијанса со Управен одбор составен од пет члена, кои во иднина заедно ќе дејствуваат во оваа насока.

 

 
Значајните растителни подрачја во Македонија се навистина значајни! PDF Печати Е-пошта
Среда, 06 Март 2013 14:03

Три значајни растителни подрачја од Македонија беа тема за изработка на промотивни материјали, кои воедно се крајниот резултат во рамките на проектот „Поврзување на луѓето и природата-вмрежување на значајните растителни подрачја (IPAnet)“. Покрај националните изданија, изработено е и регионално издание од страна координаторот на проектот - Plantlife, во кој учествуваа пет европски земји.

Повеќе информации ќе најдете на: http://www.plantlife.org.uk/international/wild_plants/natural_networks_for_places_and_people/

 

 
Новости во проектот Осогово! PDF Печати Е-пошта
Петок, 30 Ноември 2012 13:11

 

На 23ти ноември, во Скопје беше одржан состанок на членовите на Координативното тело  во рамките на проектот Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас, на кој беше презентирана предлог студијата за прогласување на заштитено подрачје на Осогово. На состанокот беа присутни преставници од Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ, Министерството за економија на РМ,  ЈП „Македонски шуми“, два  концесионера, гости од Фармахем, градоначалникот на Општината Кратово, претставник од Општина Кочани и секако, членови на МЕД. Сите присутни позитивно ја прифатија предлог студијата и се сложија истата да биде доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање, до средината на декември.

Минатиот викенд се одржа експертски состанок во Ќустендил - Бугарија, на кој експертските тимови на МЕД и Бугарската фондација за биоразнообразие - ББФ, ја дефинираа прелиминарната листа на целни видови на Осоговските Планини, кои понатаму ќе бидат користени за дефинирање на мерките за заштита во идниот план за управување или ќе послужат како мониторинг видови.

 

 
Годишно собрание на CEEweb PDF Печати Е-пошта
Петок, 23 Ноември 2012 14:11

Во периодот од 05-10 ноември 2012 година, претставник на МЕД учествуваше на Годишното собрание на CEEweb, Академијата и работната група за оддржлив туризам, кој се одржаа во Kiralyret, Унгарија. На настаните присуствуваа 16 организации, членки на CEEweb. Се споделија идеи и искуства, и се финализираше планот за работа за 2013 година. Повеќе информации можете да најдете на следниот линк www.ceeweb.org

Pictures/Other/Ceeweb.JPG Pictures/Other/World kafe.JPG

 

 
По Марко и Ристе, Мартин! PDF Печати Е-пошта
Петок, 02 Ноември 2012 10:58

Мартин е името на третиот рис, кој пред два дена (31ви октомври) Македонското еколошко друштво го залови на планината Стогово, Кичевско. По фаќањето, рисот беше успан и детално измерен, беа земени крв и влакна за генетска анализа. По успешното поставување на ГПС околувратник, Мартин беше ослободен во природа.


Мартин се фати во кафез-замка поставена во дабова шума на стрмен терен. Староста е проценета на 3 до 5 години, должината на телото му изнесува 98 сантиметри, а тежината - 24 килограми.


За две и пол години ова е трет рис на кој му е ставен околувратник со ГПС-уред, со кој се следат движењата на рисовите. Првиот рис, Марко, беше заловен во Националниот парк Маврово (во март, 2010 година), а вториот, Ристе во март 2012 година, на територијата Лопушник-Кичево.

Благодарение на ГПС и ВХФ технологијата, Мартин во иднина ќе испраќа податоци за тоа каде се движи, кои тимот на МЕД ќе ги искористи за негово следење на теренот. Податоците ќе бидат од извонредно научно значење и ќе се искористат за да се дознае повеќе за биологијата и екологијата на ова животно. Со споредбена анализа на претходно добиените податоци од движењето на веќе заловените рисови Марко и Ристе, ќе се увиди и дали оваа единка зафаќа блиска територија на движење.

Сите добиени информации во иднина ќе бидат искористени за изработка на конкретни предлог мерки за заштита на балканскиот рис.

 

 
Изложба и натпревар на детски цртежи на тема: Шумите – чувари на природата PDF Печати Е-пошта
Четврток, 25 Октомври 2012 14:28

 

Во рамките на IV Конгрес на еколозите на се одржа и натпревар во детски цртежи на тема: Шумите - чувари на природата. Вкупно пристигнаа 289 цртежи од 15 основни училишта од државава. Од нив одбрани беа 40 цртежи, симболично, по повод 40 години од постоењето на Македонското еколошко друштво, од кои  4 се наградени, и тоа:

- Александра Николовска VIIIA ООУ „Мирче Ацев“ Скопје

- Ангела Костова VIII1 ООУ „Браќа Миладиновци“ Куманово

- Сара Јовановиќ VII2 ООУ „Браќа Миладиновци“ Куманово

- Тијана Додевска VII ОУ „Христијан Т. Карпош“ Општина Ранковце

Pictures/IV%20Kongres/Crtezi/Aleksandra Nikolova.jpg Pictures/IV%20Kongres/Crtezi/Angela Kostova.jpg Pictures/IV%20Kongres/Crtezi/Sara Jovanovik.jpg Pictures/IV%20Kongres/Crtezi/Tijana Dodevska.jpg

 

 
Годишна средба на членовите на МЕД PDF Печати Е-пошта
Четврток, 25 Октомври 2012 13:10

Членовите на Македонско еколошко друштво се собраа на годишна средба, која се одржа во Пехчево на 7ми октомври 2012 година. Околу триесетина членови беа присутни и учествуваа во дискусија која беше покрената по презентираните најнови збиднувања, промени и идни планови поврзани со структурата на МЕД. Ова е прва средба од ваков карактер и МЕД ќе се потруди да ја одржи оваа практика и во иднина, со цел одржување на редовната комуникација помеѓу раководителите на одделните секции, Претседателството, како и самите членови.

По сесијата презентации и дискусија, членовите имаа прилика да уживаат во убавата природа на Малешевскиот регион.

Pictures/IPA/Prezentacija.JPG Pictures/IPA/Vodopadi.JPG

 

 
<< Почеток < Пред 1 2 3 4 Следно > Крај >>

JPAGE_CURRENT_OF_TOTAL