Европски денови за набљудување на птиците PDF Печати Е-пошта

Европски денови на набљудување на птиците

(Eurobirdwatch 2009)

На 3ти и 4ти октомври 2009 година, и покрај невремето низ цела Европа, преку 63000 возрасни и деца од 35 држави учествуваа во одбележувањето на деновите на набљудување на птиците,  EuroBirdwatch 2009. Вкупно 2640944 птици беа избројани во текот на овие два дена, од кои најмногу во  Русија (900000) и Унгарија (495453). Се реализираа преку 1700 различни настани, од набљудувачки екскурзии до прстенувања на птици, со најголем акцент на пребројување на птиците и секако дружењето.

Повеќе информации за настанот во Европа може да прочитате на:  http://www.borntotravelcampaign.com/EBW/

Македонското еколошко друштво за прв пат се приклучи кон одбележувањето на овие денови. Преку 200 луѓе го посетија штандот на МЕД во Градскиот парк во Скопје и посветија моменти на набљудување птици. Поради невремето, во саботата на 3-ти Октомври, не се одржа пребројувањето на птиците во Градскиот парк во Скопје, но сепак  барем неколку часови искористивме за да го одбележиме денот. За жал, вечерта немаше месечина, па пропадна и следењето на ноќната миграција на дискот на месечината. Затоа пак, во неделата работите  се одвиваа многу полесно. Целта на настанот беше исполнета, а добитници на наградите се: Леон Здравковски – прва награда, Анета Љубецкиј и Ана Ристова – втора награда.

 

Што е Eurobirdwatch?

Насекаде низ Европа, во првиот викенд на октомври, години наназад, се одбележуваат денови на набљудување на птиците, организирани од Birdlife International. Тие се дел од World Birdwatch, глобална иницијатива, започната пред 10 години, чија цел е вклучување на што е можно повеќе луѓе во набљудување птици, на барем еден викенд во годината и собирање на што поголем број податоци од набљудувања.

Повеќе информации на веб странитеwww.vogelbescherming.nl/ebw09 и www.borntotravelcampaign.com

Eurobirdwatch 2009 во Македонија

На 3-ти и 4-ти октомври во Градскиот Парк во Скопје, со почеток од 10 часот МЕД организира низа активности посветени на заштитата на птиците селици, како дел од Европските денови за набљудување на птиците (Eurobirdwatch 2009). Целта на настанот е запознавање на луѓето со методите на набљудување на птиците и ширење на оваа пракса а се разбира и дружење и забава. Еве какви активности ќе има кај нас:

Пребројување на птиците во Градскиот Парк во Скопје

Ќе се случува во сабота наутро, со почеток во 10 часот. Во оваа акција ќе учествуваат членовите на Македонското еколошко друштво, а добредојдени се сите заинтересирани, кои сакаат да се приклучат и научат.

Мониторинг на хранилиштето за мршојадци, Витачево, Кавадарци

Во сабота наутро, во Кавадараци, заинтересираните ќе можат да му се придружат на Фондот за дивата флора и фауна, кој ќе врши мониторинг на  мршојадците на хранилиштето на висорамнината Витачево. Контакт: Томе Лисичанец, 075 541 874.

Обука за набљудување и идентификување на птици

За време на Европските денови на набљудување на птиците ќе има искусни набљудувачи на птици во Градскиот Парк, задолжени за објаснување на методите за набљудување на птиците, како и нивно идентификување. И оваа, како и другите активности е отворена за сите.

Натпревар во набљудување на птици

Натпреварот ќе се одвива во Градскиот Парк. Учесниците, во тимови од двајца, ќе добијат мапа на паркот и патека по која треба да се движат и да набљудуваат и идентификуваат птици. Сите оние кои сакаат да се натпреваруваат ќе можат да ја проследат обуката за набљудување и идентификување на птици а ќе имаат и помош од членовите на орнитолошката секција на МЕД.

Пријавување на штандот на МЕД во Градскиот Парк на 3 Октомври, во сабота преку целиот ден.

Награди  за најдобрите два тима:

Прва награда – посета на хранилиштето на мршојадци во Тиквешијата и прирачник за идентификација на птици.

Втора награда – посета на Зоолошката градина и Природнонаучниот музеј и прирачник за идентификација на птици.

Следење на ноќна миграција на птиците на дискот на месечината

Презентација на метод за броење на ноќни миграторни птици, преку набљудување на полната месечина, користејќи телескопи. Плоштад Македонија, во сабота навечер.

Натпревар во знаење/квиз

Прашањата, секако, ќе бидат на тема птици.

Пријавување на штандот на МЕД во Градскиот Парк на 3 Октомври, сабота прку целиот ден и недела наутро.

Награди  за најдобрите двајца:

Прва награда – посета на хранилиштето на мршојадци во Тиквешијата и прирачник за идентификација на птиците во Македонија.

Втора награда – посета на Зоолошката градина и Природнонаучниот музеј (за двајца).

Изложба на цртежи и фотографии на птици и избор на најдобри

Изложбата на цртежи и фотографии на птици ќе биде во недела а сите кои сакаат  да ги изложат нивните дела, ќе можат тоа да го направат во сабота, на штандот во Градскиот Парк, од 10:00 до 17:00 часот.

Изборот на најдобрите ќе го прави трочлена комисија, а наградите за првите две најдобри дела ќе бидат:

Прва награда – посета на хранилиштето на мршојадци во Тиквешијата и прирачник за идентификација на птиците во Македонија.

Втора награда – посета на Зоолошката градина и Природнонаучниот музеј (за двајца).

 

ПРОГРАМА

за одбележување на Европските денови на набљудување на птиците

(EuroBirdwatch 2009) во Македонија

03.10.2009, сабота

 

10:00 - 13:00        Пребројување на птиците во Градскиот Парк во Скопје

10:00 - 13:00        Мониторинг на хранилиштето за мршојадци на Витачево, Кавадарци, во организација на Фондот за дивата флора и фауна

10:00 - 18:00        Обука за набљудување и идентификување на птици, Градски Парк, Скопје

21:00 - 24:00        Следење на ноќна мигрција на птиците на дискот на месечината, плоштад „Македонија“, Скопје

04.10.2009, Недела

 

08:00 - 12:00        Натпревар во набљудување на птици

10:00 - 18:00        Обука за набљудување и идентификување на птици, Градски Парк, Скопје

12:00 - 14:00        Натпревар во знаење/квиз

15:00 - 18:00        Изложба на цртежи и фотографии на птици, Градски Парк, Скопје

од 18:00 –       Доделување на награди за победниците од натпреварите и победничката фотографија/цртеж, Градски Парк, Скопје.