Зимско пребројување на водните птици PDF Печати Е-пошта

             Македонско еколошко друштво (МЕД) од 2010 година ќе се приклучи кон зимскиот цензус на водните птици. За таа цел, во текот на декември и јануари се реализираа подготвителни активности со теренска обука, на која беа разгледани и усвоени методите за броење и детерминирање на водните птици и пропишаните формулари. Првата се одржа на 13.12.2009 година на езерцето во близина на с. Смиљковци – Скопје, втората на 20.12.2009 година на езерото Младост - Велес, а третата на Дојранското Езеро на 03.01.2010 година. Последниот подготвителен терен е планиран за 10.01.2010 на Охридското Езеро.



       

Броењето на водните птици се одвива во јануари секоја година. МЕД ќе се приклучи со броење на неколку подрачја и тоа: Охридско Езеро, Преспанско Езеро, Дојранско Езеро, Тиквешко Езеро, рибник Бел Камен - Битола, езеро Младост - Велес, рибник Риболом - Росоман и рибник кај с. Долнени - Прилеп. Цензусот ќе се реализира викендот на 16ти и 17ти јануари 2010. Во пребројувањето ќе учествуваат и членови на Фондот за дивата флора и фауна (ФДФФ) од Кавадарци.
            Сите заинтересирани за приклучување кон пребројувањето можат да се пријават во МЕД на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите .

Пребројувањето ќе се одвива на волонтерска основа, односно учесниците сами ги сносат сите трошоци за пребројувањето. МЕД и ФДФФ ќе ги обезбедат потребните формулари, карти и опрема.

Што е IWC?

Зимскиот цензус на водните птици (The Internatoinal Waterbird Census - IWC) претставува програма за мониторинг на водните птици, започната во 1967 година од страна на меѓународната организација за заштита на водните живеалишта Wetlands International. Во цензусот секоја година се вклучуваат преку 100 земји со приближно 15000 бројачи, од кои повеќето се волонтери.

Помеѓу 30-40 милиони водни птици се пребројуваат секоја година во светот. Деталите за броењето и местата на кои се врши броењето се чуваат и се надополнуваат во дата базата на IWC. Со тоа, IWC претставува временски најдолга и најшироко распространета програма за мониторинг на биодиверзитетот во светот.

            Повеќе информации за зимскиот цензус можете да најдете на веб страната www.wetlands.org.