Уловен првиот Балкански рис PDF Печати Е-пошта

Македонското еколошко друштво и ЈУ Национален парк „Маврово“ на ден 14.03.2010 за прв пат уловија мажјак од националниот симбол на Македонија - балканскиот рис (Lynx lynx martinoi) - критично загрозениот подвид на евроазискиот рис. На рисот му е поставен околувратник кој преку радио-сигнали и сателитски GPS координати ја покажува позицијата на рисот, и на тој начин открива досега непознати податоци за животот на овој вид на Балканот, неопходни за негово спасување од исчезнување. Земенa е крв за генетска и здравствена анализа, како и повеќе биометриски податоци. Рисот го доби името Марко, долг е 128 см а тежок 21 килограм.

Работа со уловен балански рис

Со методот на радио - телеметрија (следење на единките преку сателитски уреди) може да се добијат многу значајни податоци за просторната и социјална организација на животното, големината на неговата територијална, густина на популација, користење на станишта (просторот), демографија, рспространетост и многу значајно, исхраната, искористување на пленот, стапка на улов итн. Првиот плен (срндак) беше пронајден на падините на Кораб со помош на концентрациите на локации на ГПС сигнали каде се задржал Марко. Овој метод на најефикасен начин ја проучува биологијата и екологијата на рисот. Обезбедува информации со кои можат да се калибрираат резултатите од мониторингот и овозможува да се оптимизира дизајнот на понатамошните мониторинг програми. Оптимален период за фаќање на единките е февруари – април, затоа што поради репродуктивниот циклус на рисовите, во овој период е зголемено нивното движење, а младите се доволно возрасни за да преживеат доколку фаќањето ги принуди да се разделат од нивната мајка.
Балкански рис на пленот


Марко на неговиот плен – срндак

 Златен орел на плен на балкански рис

Златен орел на пленот на Марко


Таксономскиот статус на балканскиот рис сè уште е тема на научни дискусии. Единствените податоци за неговата генетска слика се добиени од ткива (кожа, влакна, заби) на стари примероци од Природонаучниот музеј во Скопје. ''Свежа крв'' е потребна за да се потврди уникатноста на овој подвид на евроазиски рис, со што тој директно би влегол во рангот на критично загрозени животни според категoризацијата на Светската унија за заштита - IUCN. Здравствената состојба на балканскиот рис е исто така нешто за кое никој на Балканот нема податоци. Анализите од земената крв ќе дадат добар поглед на евентуалните заболувања или паразити од кои би можел да боледува рисот.
Огромен успех и подвиг остварија членовите на МЕД задолжени за Програмата за закрепнување на балканскиот рис пред сè поради фактот што теоретскиот тренинг го изведоа безпрекорно во пракса. Голема благодарност и до вработените на НП Маврово за нивната стручна помош.Од денес па натаму, секој ден учиме по нешто ново од Марко и општо за Балканскиот рис. Се надеваме дека во наредниот период ќе успееме да уловиме уште некоја единка на рис со што ќе имаме појасна претстава за неговата биологија и екологија.