Пилот проект за подигнување на јавната свест кај децата од предучилишна возраст ’’Заштита на кафеавата мечка’’ PDF Печати Е-пошта

           На 20ти  април, 2010 година (10:00-11.30 часот), во просториите на градинката "Мајски Цвет" ќе биде одржана завршна презентација на реализираните активности во рамките на пилот-проектот за подигнување на јавната свест кај децата од предучилишна возраст насловен како „Заштита на кафеавата мечка“. Претставници од повеќе градинки во Скопје и други општини се поканети да присуствуваат на овој настан со цел пренесување на стекнатото искуство после реализираниот проект.
Градинка ’’Мајски Цвет’’

          Градинката "Мајски Цвет" во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД) од Скопје, во периодот од септември 2009 год. до април 2010 год. реализираше пилот-проект за подигнување на јавната свест кај децата од предучилишна возраст, како една од компонентите на проектот "Развој на Национална еколошка мрежа во Република Македонија (МАК-НЕН)".

За реализација на оваа компонента беше избрана градинката "Мајски Цвет", Објект Тафталиџе, како една од најстарите градинки во Скопје која воедно има долгогодишно искуство во спроведување проекти со децата од различни области. Со проектните активности беа опфатени околу 60 деца од постарата предучилишна возраст (4,5 - 6 години).

            Основни цели на пилот-проектот беа:

      -     да се развие интерес кај децата за живиот свет на планините во Македонија и конкретно за кафеавата мечка;

-          да се стекнат елементарни сознанија за карактеристиките на кафеавата мечка;

-          да се развие грижлив однос на децата кон кафеавата мечка и кон     преостанатиот жив свет;

-          да се согледа влијанието на човекот врз природата, односно позитивните и негативните промени што настануваат како резултат на човековата активност и влијанието врз кафеавата мечка; и

-          да се разбере потребата за движење на мечката и да се добие претстава за "зелените мостови".

           Сметаме дека со реализација на планираните активности успеавме да ја оствариме нашата поставена цел, а тоа е децата да имаат основни сознанија за животот на кафеавата мечка, нејзиното живеалиште и да ја сфатат и разберат нејзината потреба од движење односно да стекнат претстава за „зелените мостови“.