Одбележување на Меѓународниот ден на биолошката разновидност PDF Печати Е-пошта

2010 година е прогласена за Меѓународна година на биолошката разновидност.

“Пан-Европскиот пикник за биолошка разновидност” оваа година во Македонија се организира од страна на Македонското еколошко друштво (МЕД), UNDP и Министерството за животна средина и просторно планирање, а преку мрежата на организации за зачувување на биолошката разновидност во земјите од Централна и Источна Европа - (CEEweb), www.ceeweb.org

Низата презентации на тема вредностите на биолошката разновидност и исполнување на обврските за членство во Европската унија, како и традиционалниот пикник ќе се одржат на о5 јуни 2010 година, во хотел Славија на Попова Шапка

“Пан-Европскиот пикник за биолошка разновидност” е кампања за подигнување на јавната свест за зачувување на биолошката разновидност во која се вклучени повеќе засегнати страни. Истата е поддржана од  Програмата на Обединетите Нации за Заштита на Животната Средина (UNEP) - Регионалната Канцеларија за Европа и од сите земји учеснички и корисници. Слични вакви настани во рамките на оваа Пан-Европска кампања беа организирани во текот на 2008 и 2009 година во Азербејџан, Луксембург, Германија, Молдавија, Естонија, Романија, Србија, Литванија и Македонија.

Идејата за организирање на “Пан-Европскиот пикник за биолошка разновидност” произлезе од дискусијата на тркалезната маса на Корисниците на биолошката разновидност организирана со здружени напори преку пан–Европската стратегија за биолошка и пределска разновидност  и Европскиот ЕКО Форум на белградската конференција која се одржа во октомври 2007 година.

“Пан-Европскиот пикник за биолошка разновидност” има за цел:

·         Да го подигне нивото на политичката и јавната свест за биолошката разновидност преку организирање различни настани на национално ниво за Меѓународниот ден на биолошката разновидност;

·         Да го продлабочи познавањето за придобивките на биолошката разновидност за благосостојбата на човештвото;

·         Да привлече различни корисници и засегнати страни за зачувување на природата;

·         Да го подигне значењето на биолошката разновидност во глобалните политики преку промовирање на Пан-Европската иницијатива со вклучување на повеќе заинтересирани страни во рамките на меѓународните настани и во медиумите.