Мониторинг на обичните видови птици PDF Печати Е-пошта

ОБИЧНИТЕ ВИДОВИ ПТИЦИ  - БИОИНДИКАТОРИ ЗА ПРОМЕНИ ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

 Во септември 2006 Македонското еколошко друштво отпочна со спроведувањето на проектот насловен како "Јакнење на капацитетите на невладините организации да развијат и користат индикатори за дивите видови птици како начин за влијание на промена на политиката заради постигнување на целта на Конвенцијата за Биолошка Разновидност и Европската Унија за запирање на загубата на биолошката разновидност до 2010 година". Проектот го финансираа Глобалниот Еколошки Фонд (GEF) и Програмата за Мали Грантови (SGP) www.gefsgpmacedonia.org.mk, која пак е спроведена од UNDP (United Nations Development Programme), а извршувана од UNOPS (United Nations Office for Project Services).

Партнери во проектот се:

Бугарија: Бугарско друштво за заштита на птиците/BirdLife Bulgaria – регионален раководител на проектот

Белорусија: Друштво за заштита на птиците на Белорусија/BirdLife Belarus

Македонија: Македонско еколошко друштво

Романија: Романско орнитолошко друштво/BirdLife Romania

Турција: Друштво за заштита на природата/BirdLife Affiliate во Турција

Полска: Полско друштво за заштита на птиците/BirdLife Poland

Литванија: Литванско орнитолошко друштво/BirdLife Lithuania

PECBM (EBCCBirdLife): Pan-European Common Bird Monitoring Scheme (PECBM) - пан-Европска шема за мониторинг на обичните видови птици, иницијатива на Европскиот совет за цензус на птиците (European Bird Census Council -EBCC) и BirdLife International.                             

Стручна помош во спроведувањето на проектот обезбедија Кралското друштво за заштита на птиците (RSPB) кои го кофинансираа проектот и Бугарското друштво за заштита на птиците (BSPB) како регионален раководител на проектот. Фондацијата за заштита на црниот мршојадец (BVCF) исто така учествува како кофинансиер на проектот.

 ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПРОЕКТОТ

Основна цел на проектот е следење на популациските трендови на обичните видови птици и нивна употреба како индикатори за состојбата на животната средина во национални и интернационални рамки. Исто толку важни цели се креирањето мрежа од волонтери од различни региони од републиката, како и зголемувањето на јавната и научна свест за важноста на обичните видови птици како индикатори.

Поради долгиот официјален наслов на проектот, горе споменатите партнери - учесници се согласија да го преименат во SEED Bird Indicators т.е. Support East Europeans to Develop Bird Indicators.

РЕАЛИЗИРАНИ АКТИВНОСТИ

Првичните задачи на Македонското еколошко друштво беа насочени кон зајакнување на волонтерските капацитети за вршење на мониторингот на обичните видови птици. Со прелиминарна анализа на веќе постоечките капацитети од волонтери во Друштвото, како и со дополнително информирање на јавноста, креиравме првична слика на мрежата волонтери со кои може да се спроведе теренскиот дел од активностите. Методологијата за спроведување на мониторингот е од типот на мониторинг по трансект (движење по позната и претходно одбележана маршрута), на полуслучајно избрани локации, кои опфаќаат различни типови живеалишта.

Во периодот на реализирање на проектот (2006-2008) беа предвидени две мониторинг сезони една во периодот април-јуни 2007, а другата април-јуни 2008. Обуката на волонтерите за успешно совладување на мониторинг методологијата во 2007 год. отпочна со тренинг работилница одржана во март 2007 година во Штип, на која покрај волонтерите учествуваа и претставници на надлежните владини институции, како и странски предавачи, кои го споделија своето знаење и искуство по оваа проблематика. Покрај теоретскиот, учесниците имаа и практичен увид во работата, со демонстрација на методологијата на терен.

Успехот на работилницата резултираше со повратна информација од 14 од вкупно 20-те волонтери, т.е. 14 сетови на пополнети формулари се резултат од првата мониторинг сезона, кои се покажаа како добра основа за одржување и понатамошно развивање и надополнување на мрежата од локации на кои се врши мониторингот.

Втората мониторинг сезона забележавме помал број волонтери кои се одзваа да го извршат мониторингот (точно 11), што сепак не го намали квалитетот на  податоците собрани на терен.

По уредување и обработка на податоците од двегодишниот мониторинг се покажа дека најчест тип истражувани живеалишта се житните полиња, овоштарниците и грмушестите предели, а таму најчесто се среќаваат чучулигите, враните, ластовичките, стрнарките, сојките, врапчињата итн.

Во рамките на проектот и во функција на опремување на волонтерите со потребната опрема за успешен мониторинг, Македонското еколошко друштво ја издаде книшката ,,Птиците на Македонија - мал прирачник“, истовремено наменета и за почетниците и сите оние кои сакаат да се занимаваат со набљудување на птиците.

Како пилот проект од таков вид во Македонија, информирање на јавноста за целите на проектот е од големо значење - првенствено за промоција на идејата да се користат обичните видови птици како индикатори, како и за привлекување на нови волонтери кон мониторинг активностите. За тие цели се наменети испечатените брошури и летоци "Птиците како индикатори за промените во животната средина". Информирањето на надлежните владини тела, научните институции и невладините организации чија работа е поврзана со заштитата на животната средина и биолошката разновидност за активностите и целите на проектот е со цел воспоставување меѓусебна соработка при креирање и инкорпорирање на птиците како индикатори во веќе постоечките национални и интернационални индикаторски шеми, како и полесно управување со промените во животната средина.

 За подетални информации од проектните активности, контактирајте нѐ на birdindex@mes.org.mk.

МЕТОДОЛОГИЈА НА МОНИТОРИНГОТ

 

Заинтересираните може да се вклучат во мониторингот на птиците на тој начин што ќе го контактираат Друштвото за да им биде доделен квадрант на кој ќе го вршат набљудувањето, но исто така ќе бидат запознаени и со методологијата на работа.

 

Потребните информации и формулари може да ги добиете тука:

Инструкции за мониторинг

Формулар за опис на живеалиштата

Теренски формулар за регистрација на птиците